ВДЛ Ван Хоол Македонија во финална фаза на усогласување со GSR регулативата на ЕУ 

Што е GSR (General Safety Regulation) регулативата а ЕУ и зошто е важна за безбедноста на патниците во автобускиот превоз?  

GSR е Регулатива на ЕУ за општа безбедност која воведува задолжителни нови безбедносни технологии за сите возила што се продаваат на територија на ЕУ. Регулативата е дел од рамката на Европската економска комисија на Обединетите нации (UNECE) и служи како алатка за исполнување на целта „Vision Zero“ – целосно елиминирање на смртните случаи и тешките повреди на европските патишта до 2050 година. 

Регулативата се однесува на автобуси, автомобили и товарни возила, и бара овие возила да бидат опремени со напредни системи за асистенција на возачот и технологии за превенција или ублажување на сообраќајни несреќи. 

Зошто е донесена оваа регулатива? 

Годишно повеќе од 20.000 лица го губат животот на европските патишта. Иако патничките автобуси се меѓу најбезбедните средства за патување, има простор за унапредување – особено во урбани зони, ноќни услови и заштита на ранливи учесници во сообраќајот (пешаци и велосипедисти). 

Целите на регулативата се: 

  • Превенција на несреќи со проактивни безбедносни технологии; 
  • Намалување на сериозноста на судири со автоматски интервенции; 
  • Изедначување на стандардите за производители и добавувачи во цела ЕУ; 
  • Подготовка за автоматизирано и поврзано возење. 

Зошто мора да се имплементира GSR? 

Од јули 2024, сите нови типови на возила мора да бидат усогласени со регулативата, а од јули 2026, тоа ќе важи и за сите новорегистрирани возила. Без оваа усогласеност: 

  • Возилата неможе да се продаваат или регистрираат на пазарот на ЕУ; 
  • Производителите ризикуваат казни и губење на репутација; 
  • Купувачите може да се соочат со помала безбедност и ограничен пристап до програми финансирани од ЕУ. 

ВДЛ Ван Хоол Македонија како производител ги исполни сите барања за 2024, а инженерскиот тим веќе активно работи на имплементација на втората фаза- останатите 2 барања за 2026 година. 

Осум задолжителни безбедносни технологии (имплементирани до јули 2024) 

Сите нови патнички автобуси задолжително вклучуваат: 

Бр. Систем за безбедност Намена 
1 Интелигентна асистенција за брзина (ISA) Го предупредува возачот за ограничувања на брзина со ГПС/камери 
2 Интерфејс за алкохолен тестер (ALC) Вградување на уред за тестирање на алкохол. Превенција на старт на возилото во случај на присуство на алкохол 
3 Предупредување за замор и невнимание (DDAW) Ги следи сигналите на замор кај возачот и алармира 
4 Сигнализација за нагло сопирање (ESS) Рапидно трепкање на стоп светлата во случај на нагло сопирање 
5 Систем за следење на притисокот во гумите (TPMS) Систем кој постојано ги следи сите притисоци на гумите додека возилото е во употреба и го предупредува возачот кога гумата е недоволно или пренадувана. 
6 Систем за алармирање на присуство на пешаци или велосипедисти во зона на намалена видливост-слепа точка (BSIS) Мониторинг и алармирање на присуство на објекти во „слепите точки“ на возилото 
7 Помош при возење наназад (REV) Камери/сензори за избегнување судир при движење наназад 
8 Систем за мониторинг и аларм при тргнување (MOIS) Го предупредува возачот за потенцијален судир со пешаци и велосипедисти кои се во близина на предната страна на возилото 

Овие технологии ја зголемуваат активната и пасивната безбедност преку навремени сигнали и постојан мониторинг. 

Втора фаза на усогласување со GSR дополнителни 2 технологии (кои треба да се имплементираат до јули 2026) 

Инженерскиот тим во одделот за електрика и софтвер на ВДЛ Ван Хоол Македонија активно работи на имплементација на системите кои стануваат задолжителни за сите возила од јули 2026 година: 

Бр. Карактеристика Намена 
9 Уред за снимање на податоци при инциденти (EVR) „Црна кутија“ што бележи настани пред и за време на судир 
10 Предупредување за намалено внимание кај возачот (ADDW) Систем кој препознава дистракција и испраќа визуелно/звучно предупредување 

Со имплементацијата на овие 10 системи се затвора кругот на општа безбедност, кој ги покрива однесувањето на возачот, околината и реакцијата на возилото, така што патничките автобуси кои ги произведува ВДЛ Ван Хоол Македонија ќе бидат целосно усогласени со високите европски стандарди за безбедност. 

Како оваа регулатива го засегна производството на патнички автобуси? 

Со цел да продолжат удобните и безбедни патувања на патниците ширум светот во добро познатите Ван Хоол автобуси, имплементацијата на GSR значеше: 

  • Интеграција на сензори, радари и камери во структурата на возилото кои дотогаш беа опција која купувачот можеше да ја избере; 
  • Потреба за софтверска калибрација и тестирање на функционална безбедност; 
  • Тесна соработка со добавувачи од прв ред за компоненти; 
  • Промени во дизајнот на контролната табла и поставеноста на системите. 

Како се имплементираат овие системи? 

Имплементацијата на новите системи согласно регулативата GSR во ВДЛ Ван Хоол Македонија беше завршена навремено, во соработка  со светски реномирани производители на опрема специјализирани и хомологирани за имплементација на дел од функционалностите кои ги наложува GSR регулативата (BSIS, MOIS, DDAW, TPMS, ALC, ISA, REV). Нашиот инженерски тим тесно соработуваше со инженерските тимови од овие реномирани компании со цел најоптимална интеграција на специјализираната опрема во нашите автобуси. Дополнително, инженерите успешно го пренесоа нивното знаење и искуство за овие системи на техничарите од производство преку одржување на теоретски и практични обуки за инсталација и калибрација. Дел од функционалностите (ESS) беа целосно развиени и тестирани од нашите инженери користејќи софтверско кодирање и приспособување на инсталациите во возилата. 

На овој начин, целокупниот тим кој работеше на имплементација на системите одлично ја заврши работата и обезбеди за нашите клиенти врвно ниво на квалитет, задржувајќи го модерниот дизајн, удобност и едноставно управување за возачите – карактеристики по кои се познати автобусите Ван Хоол ширум светот. 

Постигната најважната цел: побезбедни патници и поедноставно управување за возачот 

Патничките автобуси кои ВДЛ Ван Хоол ги произведе изминатата година во согласност со GSR регулативата се карактеризираат со значително зголемена безбедност, потенцијално пониски осигурителни трошоци и поголема доверба – подеднакво и од страна на клиентите и од страна на патниците. Оваа навремена иновација која ја постигна нашиот инженерски тим им даде на нашите автобуси дополнителна конкурентска предност на пазарот и зголемена побарувачка од страна на купувачите.  

Што по целосното усогласување со безбедносните стандарди предвидени со регулативата во 2026 година? 

Побезбедна мобилност, денес и утре – тоа е чекор кон иднина без жртви во сообраќајот. Како производител што веќе ги исполнува барањата на европската регулатива за општа безбедност, горди сме што испорачуваме возила што се усогласени со највисоките стандарди за безбедност, во чекор со најновите технологии и континуирани иновации.

VDL Van Hool Macedonia

0 Shares:
You May Also Like
Read More

ПроКредит ја лансираше ProConnect – единствената дигитална бизнис платформа за вмрежување во Југоисточна и Источна Европа

ПроКредит Групацијата со возбуда ја претставува ProConnect – едноставна и интуитивна дигитална платформа за вмрежување, дизајнирана исклучиво за…